За нас

Курсеви

Книги

Обука на наставници

 EN

 


 


34. МЕЃУНАРОДEН СЕМИНАР ПО ЈОГА

под водство на учителот Павлос Хасанагас

 

ХАТА-ЈОГА ПРАДИПИKА

НАВРАЌАЊЕ КОН KОРЕНИТЕ НА ХАТА-ЈОГА

17-19 јуни 2011, Крушево, х.Монтана

 

На семинарот присуствуваа 70 учесници

Семинарот беше посветен на еден од најзначајните класични јогиски текстови – Хата-јога прадипика. Повод за изборот на темата беше најавеното издавање на преводот на македонски јазик на овој значаен јогиски текст од страна на Јога-сојузот на Македонија. На семинарот учителот Павлос Хасанагас одржа четири предавања и еден сатсанг со учесниците.

Отворање на семинарот

Хата-јога прадипика се смета за еден од неколкуте најважни текстови за хата-јогата, како и за јогата воопшто. Со пишувањето на овој текст (14-16.век), неговиот автор, јогинот Сватмарама, одбележува една ренесанса на јогата. Објаснувајќи го патот кон разбирањето и доживувањето на суштината на јогата, нагласена е улогата на хата-јогата како темел на практикувањето на било кој вид јога, а уште повеќе нагласена е природната и нераскинлива врска меѓу хата-јогата и раџа-јогата.

Моменти од предавањата на Учителот

„Еволуцијата на човекот е веќе реализирана,

ние само треба да ја оствариме.“

- Павлос К. Хасанагас -

 

Фокусирајќи се на релацијата тело-ум, Хата-јога прадипика овозможува целосна духовна едукација. Како што посочи учителот, една од нејзините основни идеи е да се отстранат пречките кои произлегуваат од телото и тоа да стане местото од каде може да стартува трансформацијата на секој човек. Затоа што, во крајна линија, од целиот текст може да се заклучи дека тој цели кон смирување на умот и кон медитација, но притоа не занемарувајќи ниту еден сегмент на практикантот. Напротив, се смета дека секој човеков аспект го потпомага развојот и учествува во него.

Сатсанг со Учителот

Средбата со природата при практикувањето јога во нејзините прегратки е секогаш убаво и поинакво искуство. Околината и себе си во неа ги доживуваме на подиректен начин, во голема мера ослободени од притисоците кои од градот ги понесуваме со себе.

Овој пат, програмата на часовите содржеше техники опишани во класичните јогиски текстови, кои во голем дел се работат во нивната изворна форма и денес. Исто така, принципите на кои се внимаваше при изведбата на техниките ја заокружуваа тенденцијата за поврзување на телото и умот во едно усогласено функционирање – тенденција карактеристична и за целиот текст на Хата-јога прадипика.

Часовите во природа ги водеа инструкторите

Анастазија Терзијева-Илиева и Оливера Митревска-Вељковиќ

 

И медитациите на овој семинар својот извор го најдоа во Хата-јога прадипика. Под водство на Учителот се работеа техники кои се опишани во овој стар текст, па учесниците на семионарот имаа можност да го комплетираат своето првично искуство со сите видови на техники кои се опишани во списот.

Медитации под водство на Учителот

 

Двете одржани работилници беа дополнување на предавањата на Учителот, кои и самите ставија голем акцент на практикувањето и личното искуство на техниките опишани во Хата-јога прадипика. Од страна на професорите Ванчо Тасески и Стеван Милиќ, прво беше направен вовед во кој беа детално објаснети енергетското тело на човек, неговиот однос со физичкото и менталното тело, како и самите техники и начинот на кој тие делуваат и влијаат врз сите нивоа на функционирање на практикантот. Под водство на наставниот кадар, учесниците на семинарот можеа и практично да работат на изведувањето на бандите, и дел од мудрите и техниките на пранајама опишани во овој класичен текст.

Работилници за банди, мудри и пранајама под водство на

професорите Ванчо Тасески и Стеван Милиќ

 

На 17 јуни се одржа 30. Меѓународен наставен семинар, со кој беше обележан и еден значаен јубилеј за Јога-сојузот на Македонија - три децении континуирана сестрана едукација на наставници по јога. На континуирани обиди на најсоодветни начини ова древно знаење да се донесе до генерации практиканти на овие простори, истовремено водејќи сметка како за актуелните услови и потреби, така и за одржувањето на автентичната духовност на јогата.

Дел од наставниот кадар на Јога-сојузот на Македонија

Во текот на семинарот учителот ја нагласи и важноста на преведувањето на македонски јазик и подготовката за излегување од печат на Хата-јога прадипика, што е чин кој уште еднаш ја потврдува зрелоста на една јогиска школа.

© 2002, Јога-сојуз на Македонија | yogafm@t-home.mk | www.yoga.org.mk |