За нас

Курсеви

Книги

Обука на наставници

 EN

 


 


35. МЕЃУНАРОДEН СЕМИНАР ПО ЈОГА

под водство на учителот Павлос Хасанагас

 

МОДЕЛИ И СТАДИУМИ НА МЕДИТАЦИЈАТА

КОГА УМОТ СЕ ОБИДУВА ДА СЕ РАЗБЕРЕ САМИОТ СЕБЕ

15-17 јуни 2012, Крушево, х.Монтана

 

Семинарот го следеа 80-тина практиканти од Јога-сојузот на Македонија,

како и гости од Шпанија, Англија, Германија и Америка

 

импресии на дел од учесниците

Стојо Мисерлиоски, Флорида, САД

Дводневниот семинар во Крушево со учителот Хасанагас, беше искуство што нема никогаш да го заборавам. Во секој поглед повеќе од што очекував. Нивото на предавања и вежби беше највисоко што сум сретнал. Јас живеам и работам веќе 7 години во САД и во сите тие години, а и до ден денес, неуморно се трудам да најдам учител или школа што е со сличен квалитет и доследност до традиционалната пракса. Меѓутоа, нажалост за мене, учителот Хасанагас и Јога-сојузот на Македонија се во секој аспект супериорни, ненадминливи и незаменливи. Се чувстувам многу среќен и благодарен што токму дома, во Македонија, ја имав можноста да бидам дел од организација и пракса со највисок светски квалитет, за што семинарот во Крушево беше само беспрекорен сведок.

 

 

Ристо Крезов, Скопје

Бидете доследни на шансите кои ви се даваат, не се залажувајте самите себе, успехот не е зад аголот но тој чека, еден ден ќе дојде, ако вие одите кон него. Можеби звучи по малку чудно што се осврнувам токму на овие зборови од Учителот за семинар каде главната тема беше медитацијата, но токму во овие зборови е предочена смислата на тоа што мене ми се откри како сознание на овој семинар, што значи да практикуваме јога, да ја сфатиме големината, да ја сфатиме одговорноста која произлегува од таа можност која ни е дадена, можноста да разбереме, можноста да практикуваме медитација.
Ов
ој семинар беше мојата прва вистинска средба со медитацијата. Искуствата кои ги имав овде се навистина нешто посебно, досега недоживеано чувство за мене. Надополнето од прекрасната природа каде ги практикувавме, даваше уште поголема димензија на нештата. Потоа го имав тоа чувство како вистински да припаѓам овде, како сè да има поента.
Би додал дека од голема важност беа предавањата за пранајамата и особено за мудрите,
за нивното дејствување, затворањето на енергијата, симболиката и значењето, начинот на пренесувањето низ историјата како тајна јога која ја потенцира сериозноста и тежината на овие техники.

 

 

Љупка Симоноска, Скопје

Темите кои беа разработувани на семинарот се вечни прашања и оттука, страшно сложени и комплексни – но тоа не ги остави далечни и конфузни. Колку и да ми беше неверојатно, ниту едно прашање кое ми се јавуваше пред и во текот на семинарот не остана неодговорено. На крајот, кога размислував накусо за сатсанг, јас немав прашање...остана само надежта дека навистина разбрав голем дел од она што беше пренесено – со збор, чувство и мисла.

Во текот на една од медитациите за прв пат го почувствував заедништвото на сите нас, како индивидуи кои се дел од едно цело, кои се носат со своето бреме. Завршувањето на медитацијата со: повелете, ова е Со-Хам, ова сте Вие“ и свртувањето кон Сонцето кое си заминуваше позади планината, како да одговори на прашањето “кој сум јас“ и “кое е моето место“ – јас сум дел од крвотокот на природата, на Универзумот. Тогаш, за мене, поврзаноста со останатите луѓе, премина во припадност кон Целото.

Размислувањата на Учителот за време на последното предавање ја отфрлија мојата дилема која се роди претходниот ден: “дали е воопшто возможно да се оствари нашата дарма во овој свет на материјални искушенија, кои се на секој чекор од нас“. Одговорот е: “Да се оствари спиритуална надградба, но не со бегство во физичка изолираност, туку со духовна чистота која ќе се достигне преку медитација“.

 

 

Силвана Илиевска, Битола

Се гордеам што имав можност да бидам дел од еден ваков семинар посветен на учење, друшење, духовно и телесно трансформирање.

Медитацијата нè тера да се свртиме кон себе си, кон своето највозвишено Јас и таму да ја побараме изворната љубов. Свртувајќи се кон внатрешното битие, светиот извор на духовниот мир, ја согледуваме основната природа на нашиот ум, достигнуваме ослободување од стравот и сфаќање на суштината на животот. А како што учиме да ја продолжуваме и продлабочуваме нашата медитација, така наоѓаме сè повеќе и повеќе мир и една вечно нова радост.

Научните техники на медитацијата, вистинскиот учител и личните напори на посветеникот, го привлекуваат умот во натсвесната состојба на Самоспознавањето и соединувањето со Бога. А вистинскиот учител поседува многу повеќе од обичното знаење добиено од книгите, а во духовниот живот неопходно е да ја научиме мудроста од еден таков учител; од оној што знае и кој знае дека знае, бидејќи не само што читал за вистината, туку и ја доживеал.

 

 

Ирена Трајковска Пешевска, Скопје

За мене овој голем семинар беше прво искуство и ме воодушеви во целост.

Учителот и целиот тим за време на медитациите и практичните часови беа целосно посветени на нас практикантите, со многу внимание, разбирливо, трпеливо ни ја даваа својата сила, своето искуство и знаење, со голема љубов и почит, сè со цел на еден поедноставен начин, да ни ја пренесат важноста на животот. Многу зборови и мисли на учителот ми останаа во душава и истите си ги поставив како почетен двигател во мојот понатамошен животен процес. ОМ медитацијата, која ја работев прв пат, ми овозможи една духовна трансформација, многу јасни чувства и изострена видливост за сите размислувања и постапки во животот.

Благодарна сум што дел од мене успева да се трансформира, среќна сум што можам да расмислувам и да живеам на начин кој ме смирува, ме прави задоволна, скромна, а притоа не ми претставува никаква нервоза ниту напнатост.

 

 

Лидија Додевска, Велес

Како почетник во јога можам да кажам дека сум воодушевена од предавањето на учителот. На овој семинар за мене се отворија нови прашања за постоењето на секое човечко битие. Целта на овој семинар беше укажување на нужноста на секој човек да се спознае самиот себе како дел од големиот универзум, да даде смисла на своето постоење.

Секој од нас носи своја карма која го детерминира нашето постоење, нашиот живот и нашата дарма или нашата спиритуалност. Нужноста од развивањето на спиритуалноста, да се разбираме себе си, да комуницираме со себе, ќе ни помогне да ги неутрализираме негативностите кои се детерминирани од кармата.

Учителот го потенцираше значењето на јогата и медитацијата за секој човек да ја оствари својата спиритуалност, да си помогне самиот на себе, правилно да ги перципираме работите околу нас, да се ослободиме од сите убедувања, предрасуди, очекувања, за да го прочистиме нашиот ум, да го подготвиме за една повисока спиритуалност, умот да се разбере себе си.

Ме воодушеви непосредноста, срдечноста на присутните како и професионалноста на инструкторите на кои што им се заблагодарувам.

 

 

Емилија Котевска, Битола

Како да се најдат соодветни зборови за толкава исполнетост и воодушевување? Чувството дека сте на вистинско место и во вистинско време, дека сте поблиску до вас, дека правите нешто за вас, учите за себеси работи кои сте ги заборавиле е неверојатно. Ве исполнува, влегувате во авантура на запознавање на свет кој е во вас толку блиску и е неверојатно интересен и убав.

Учителот прави една неверојатна работа за нас, го трга превезот од пред очите на нашиот ум и започнуваме да гледаме работи кој биле тука, но сме ги заборавиле. Сме исткале превез од омраза, тага, солзи и сме решиле дека е полесно да не правиме ништо, отколку да правиме нешто и да сме повредени. Треба да дозволам тие чувства да поминат низ мене, да не ги оживувам,  да не ги допирам и тогаш умот ќе се испразни. А кога е празен можат да влезат нови нешта, нови звуци, нови слики, нова енергија. Тогаш започнува медитацијата, започнуваме да вибрираме исто како вселената, ја чувстуваме и дозволуваме божествената енергија да влезе во нас и се случува нешто неверојатно, во нашите контури, во нашата ограниченост на телото ќе ја почувстуваме бесконечноста.

Јогата ме промени, ми донесе нов квалитет на живот, не бев свесна за тоа, но сега сум. Но време е и за уште една промена, поставување на нови прашања и авантура на патот на откривање на одговорите. 

Семинар кој ми го разбранува умот и разбуди безброј прашања, но и во исто време ми даде сила, енергија за да се проложи напред, а секое напредување бара промена. Совршен викенд  за совршен почеток на едно поглавје од мојот живот.

© 2002, Јога-сојуз на Македонија | yogafm@t-home.mk | www.yoga.org.mk |