KATЕРИНА
ЛАЗАРЕВСКА
„Кога лекарот ќе ви ја соопшти прекрасната вест дека ќе
станете мајка, веднаш решавате сите лоши навики да ги
промените и да “свртите нов лист”. Знаете дека не
можете ништо да сторите во врска со гените што ги
носите со себе, но не сакате нешто што зависи од вас
да го игнорирате. И така внимавате како се храните,
не пиете, ако сте пушеле престанувате да пушите и
размислувате за часови по јога.
Тоа беше мојот мотив за зачленување на курсот – ова
мало чудо што расте во мене и уште сега ми вели: “Јас
сум нешто најбитно што се има случено во твојот живот,
сакај ме несебично.” И така се најдов во јога
центарот.
Првиот час бев толку свесна за секое свое движење што
не можев воопшто да се предадам на вежбите и да
работам без напор. Дури кога стигнавме до вежбите за
дишење успеав да се опуштам. Имајќи во предвид дека
никогаш пред тоа не сум имала голем стомак, како што
растеше така јас се помалку и помалку го движев и веќе
дојдов до ситуација да го држам целосно стегнат не
знаејќи како да се справам со него. Со вежбите за
дишење успеав да го освестам тој заспиен дел од телото
и да ја прифатам неговата промена како сосема
нормална.
Втор дел од телото кој бараше внимание беше ‘рбетот.
Вежбите за истегнување беа особено полезни за оваа
намена. Самиот факт што тие се лесно применливи во
секоја ситуација и надвор од часот ми помагаат и
покрај секојдневното седење пред компјутер по 10 часа
непрекинато на работа и уште барем 2 часа дома да не
се будам со болки во грбот.
Не сите вежби се едакво лесни и еднакво прифатливи. На
пример вежбите за рамнотежа ми претставуваат особен
напор. Според објаснувањето на инструкторката
нестабилно тело е одлика на нестабилен ум – не можам
да кажам дека не е во право. Меѓутоа, тоа и не е толку
важно. Практикуваме јога за бремени не за да покажеме
колку асани имаме научено и кој најдобро ќе ги
изведе. Практикуваме за да успееме барем за еден час
да се изолираме од влијанието на надворешниот свет и
да се посветиме само на себе си и на своето бебе.
Веројатно затоа во центарот нема огледала – насочени
сме кон внатре.
Влегуваме на часот со најразлично расположение –
некогаш изморени, некогаш нервозни, некогаш
вознемирени, некогаш лути на самите себе или на некој
наш близок. Битно е дека сите си заминуваме со исто
расположение – релаксирани, смирени и позитивни.“